Свет 21. март 2020. / 09:15

Црн биланс од пандемијата: За 12 дена заразени 100.000 луѓе

Црн биланс од пандемијата: За 12 дена заразени 100.000 луѓе

На корона вирусот предизвикан од Ковид-19 потребни му беа повеќе од три месеци за да зарази 100.000 луѓе во светот, најголем број во Кина. Но, бројот на случаи е зголемен откако претходно овој месец се случи пресвртница, при што здравствените агенции известуваат дека за само 12 дена се заразени уште 100.000 луѓе, соопшти во петокот Светската здравствена организација.

Вирусот корона регистриран е во 179 земји, а бројот на починати надмина 10.000. Потврдени случаи досега има 244.000. Повеќе од 86.000 се излечени од инфекцијата и тоа најмногу во Кина. Но, само во Холандија во еден ден умреа 30 луѓе.

Европа во моментов е епицентар на пандемијата, а бројот на починати во Италија го надмина бројот на починати од корона вирусот во Кина. Следи Иран со 18.407 случаи и 1.284 смртни случаи, потоа Шпанија. Германија има 15.320 случаи и 44 починати, а САД 14.354 заразени и 217 умрени. Над десет илјади заразени има Франција, 10.995. Таму од корона вирусот починале 372 луѓе.

Според анализите на СЗО, опоравувањето на пациентите со средно комплицирани симптоми на заболување трае околу две седмици, додека пациентите со тешки и многу тешки симптоми се опоравуваат повеќе од шест седмици.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди на период на глобална рецесија од „рекордни размери“ после пандемијата.