Четири лица загинаа откако вчера приврзаници на Доналд Трамп, по неговиот повик да се упатат кон американскиот Конгрес се обидоа да направат државен удар упаѓајќи во Капитол Хил, објави шефот на полицијата во Вашингтон.
Уапсени се 52 лица.
Социјалните мрежи ги блокираа профилите на Трамп. Конгресмените и сенаторите се вратија во својот дом и продолжија со работа.
Откако полицијата ја обезбеди областа по хаосот, спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси објави дека законодавците ќе се состанат повторно да ја продолжат работата за потврдување на гласовите на Изборниот колеџ што го одредува следниот претседател.
„Денеска демократијата беше нападната на срамен начин. Нападот беше поттикнат од највиско владино ниво, но нема да не одврати од нашата одговорност да го одобриме изборот на Џо Бајден“, рече Пелоси.
Прекинатата седница за Изборниот колеџ од неколку часа продолжи до доцна во ноќта.
Илјадници поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп со веење знамиња се собраа кај американскиот Капитол во средата, присилувајќи ги законодавците да се евакуираат и за неколку часа да ја одложат вообичаената рутинска процедура на расчистување на патот за Џо Бајден и Камала Харис за да дадат заклетва на претседателската и потпретседателската функција на 20-ти јануари.
Трамп ја охрабри толпата да се упати кон Капитолот во говор напладне пред Белата куќа. „Никогаш нема да се откажеме, никогаш нема да се предадеме“, рече тој.
Претседателот во заминување испрати две пораки на Твитер барајќи поддржувачите да одат дома, но во исто време повторувајќи дека изборите биле украдени.
Фејсбук и Јутјуб го отстранија видеото во кое Трамп им вели на поддржувачите „Ја разбирам вашата болка. Го знам страдањето. Но сега треба да си одите дома.“ И потоа повтори дека изборите биле украдени.
Твитер, прво ги остави пораките на платформата, но ја блокираше можноста да се препраќаат и да се коментираат, а подоцна ги отстрани, тврдејќи дека претставуваат „ризик од насилство“, пишува Глас на Америка.