Премиерот Андреј Бабиш кажа дека Чешка не е спремна да прифати кој било од 450-те азиланти кои беа спасени од бродови во Средоземјето.
Италија одби да дозволи на нејзиниот брег да пристигнат два воени брода кои собрале емигранти додека другите земји од ЕУ не се договорат како ќе го поделат товарот на згрижувањето на луѓето спасени во обид да го минат Средоземното Море на пат кон Европа.
Бабиш кажа дека прифаќањето на некој од спасените емигранти би бил „пат кон пеколот“ и дека само би ги мотивирал шверцерите на луѓе во обидите да превезат уште повеќе луѓе преку опасниот пат преку Медитеранот.
„Нашата земја нема да прими ниеден емигрант“, кажа чешкиот премиер. Тој додаде ека на бродовите што превезуваат емигранти треба да им се забрани пристапот.
„Мораме да им помогнеме на емигрантите во нивните земји, надвор од Европската Унија“, кажа Бабиш.
Германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас на Твитер напиша дека неспособноста на светот да се согласи околу прифаќањето на Евреите кои бегале од прогонот на нацистите во 1938 година резултирала со постигнување договор за бегалците по Втората светска војна, кој и денес ги обврзува земјите.
Тој кажа дека Женевската конвенција за бегалци од 1951 година била одговорот на таа неспособност за договор во 1939 и дека тој договор е „обврзувачка мерка за нашата човечност“.
Мас ова го напиша во екот на расправата во ЕУ за тоа како да се одговори на масовната миграција од Африка и Блискиот Исток.