Пред три недели, Европа речиси доживеа „помрачување“, што значи дека за малку ќе останеше без струја, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Германскиот весник како виновник го наведува хрватскиот далековод Ернестиново.
Врз основа на извештајот на Здружението на европски даватели на електрична енергија „Енцо-Е“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ опишува како дошло до верижно исклучување на далеководот, од Хрватска, преку Србија до Романија.
Последиците биле почувствувани и во Франција и Италија.
Поради преголемата понуда на електрична енергија во југоисточна Европа дошло до автоматско исклучување на делот од далеководот Ернестиново, кој е дел од неговиот безбедносен систем.
Тогаш тој вишок електрична енергија бил пренасочен кон други далеководи, поради што за неколку десетици секунди дошло до исклучување на 14 далеководни врски во повеќе земји.
Европската електрична мрежа била поделена на два дела.
–Линијата на раздвојување одеше југоисточно од Австрија и Унгарија, преку Хрватска, Србија и Романија, до Украина – таа земја не е вклучена во европската мрежа. Вишокот електрична енергија од Југоисточна Европа веќе не можеше да се извезува. Мрежата го загуби тактот, пишува весникот од Франкфурт наведувајќи дека фреквенцијата на југоистокот била за 600 милихерци повисока од 50 херци, а на запад за 300 милихерци пониска од стандардните 50.
–Последицата беше исклучување на големите потрошувачи, да речеме во Франција.“ Причината: машините се чувствителни на такви осцилации. Бил потребен околу еден час за нормализирање на состојбата. „Австриските снабдувачи на електрична енергија брзо активираа големи хидроенергетски капацитети и со тоа помогнаа да се компензира неочекуваниот недостиг од електрична енергија од 5.900 мегавати. Европските заштитни механизми „целосно функционираа во елиминирање на нарушувањата во електричната мрежа на европско ниво, изјави Герхард Кристинер, главен технички директор на Австриската електрична мрежа.
Случајот во Австрија и Германија поттикна дебата за безбедноста на снабдувањето и укажа на потребата за брзо градење дополнителни далеководи, како и центри за акумулација во случај на недостиг од електрична енергија, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Извор: МКД