Главниот медицински офицер на британската влада, епидемиологот Крис Вити изјави дека понатамошното суспендирање на часовите ќе им направи поголема штета на децата отколку да бидат заразени со коронавирусот.
Тој рече дека шансите за дете да почине од „Ковид-19“ се многи мали, но неодењето на училиште ќе претставува долгорочна штета.
„Постојат јасни докази од Британија и од целиот свет дека децата се разболуваат помалку, дека нивната состојба е помалку сериозна и тие ретко завршуваат во болница“, смета Вити.
Тој додаде дека Ковид-19 ќе претставува предизвик со сигурност во наредните девет месеци.
Според него, малку е веројатно дека вакцината ќе биде достапна оваа година, но сосема е реално да се очекува дека успешната вакцина ќе биде готова за следната зима 2021/2022 година.
Милиони студенти во Англија, Велс и Северна Ирска ќе се вратат на училиште во следните неколку недели.
Владата објави дека сите студенти, од сите возрасти, се очекува да се вратат на своите клупи во септември. Училиштата се веќе отворени во Шкотска.
Официјални лица велат дека не постои опција без ризик и дека е важно родителите и наставниците да ги разберат ризиците и придобивките од повторно отворање на училиштата, пренесува Би-Би-Си.