Меѓународната заедница мора да предложи дипломатски санкции против Саудиска Арабија за наводното убиство на новинарот Џамал Кашоги, изјави еден познат академик и политички коментатор од Британија.
„Се работи за криминално дејство за кое мора да одговараат и оние кои го нарачале и оние кои го извршиле“, вели д-р Дауд Абдула, директор на медиумот „Мидл ист монитор“ во Лондон.
Новинарот на „Вашингтон пост“ исчезна на 2 октомври откако влезе во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, а оттогаш повеќе не е виден. За Кашоги постои сомнение дека е мртов.
Во интервју со „Скај нуз“ Абдула посочи паралели помеѓу наводното убиство во саудискиот конзулат и нападот со нервен гас во Салисбери во Обединетото Кралство.
„Мора да се воведат дипломатски санкции како оние против Русија во врска со аферата во Салисбери“, изјави академикот.
Абдула вели дека тој последен пат го видел Кашоги во септември на конференција во Лондон, и додаде дека новинарот кој често упатувал отворени критики до владеењето се плашел од властите на Саудиска Арабија, па затоа решил да замине од земјата.