Свет 07. април 2020. / 09:07

Борис Џонсон ја помина ноќта на интензивна нега откако му се влошија симптомите

Борис Џонсон ја помина ноќта на интензивна нега откако му се влошија симптомите

Нема промени во здравствената состојба на британскиот премиер Борис Џонсон, изјавија двајца извори, блиски до шефот на британската Влада, откако синоќа тој беше преместен на Одделот за интензивна нега во болницата „Свети Томас“ по влошувањето на симптомите од корона вирусот.

Даунингстрит 10 информира дека Џонсон добил кислород, а бил хоспитализиран како мерка на претпазливост по влошувањето на неговата здравствена состојба, јави Би Би Си.

Но, според Гардијан текот на настаните бил „чуден“, па дури и прашува дали се забошотувала вистината откако „Даунинг стрит“ упорно негираше дека е влошена состојбата на прмеиерот.

Весникот посочува, дека според неговите соработници, на Џонсон му се влошила состојбата уште во четвртокот изутрина, кога неименуван извор рекол дека за премиерот е подготвен кревет во „Свети Томас“. Дел од членовите на Конзервативната партија уште тогаш чуле гласини дека Џонсон е хоспитализиран. Но, на прашањето од Гардијан, соработниците на Џонсон негирале дека му е влошено здравјето. Но, британскиот весник посочува дека откако синоќа Џонсон бил преместен на Интензивна нега, негирањата се ставени под знак прашалник.

Џонсон (55) една седмица откако се утврди дека е позитивен на коронавирус мина во изолација во станот во Даунинг стрит, додека неговата бремена свршеничка Кери Сајмондс, која исто не се чувствувала добро, била се повеќе загрижена за него. Од друга страна, Џонсон се обидувал по пат на видео врски и електронски пораки да раководи со ситуацијата, но постојано кашлал и состојбата не му се подобрувала.

Во четврток навече, Даунинг стрит соопшти дека Џонсон в петок нема да се врати на работа, како што се очекуваше, доколку и натаму има зголемена телесна температура.