Советникот во Белата куќа за национална безбедност Џон Болтон, оцени дека самитот на претседателот Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун бил успешен.
Како што наведе, самитот бил успешен иако не е постигната спогодба за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.
Болтон на три телевизиски интервјуа се обидел да објасни дека Трамп ги унапредил интересите на националната безбедност на САД, така што одбил лоша спогодба, истовремено работејќи на тоа да го убеди Ким да прифати „голем договор кој би можел да направи разлика за Северна Кореја“.
– Трамп не сака договор по секоја цена, ни со Северна Кореја, ни со било кој, ако е тоа спротивно на американскиот национален интерес. – рекол Болтон, пренесува АП.
Болтон истакнал дека Трамп ја пренасочи традиционалната дипломатија, па така и во случајот со Северна Кореја и додаде дека „традиционалната дипломатија била неуспешна во последните три администрации“.