Свет 15. септември 2020. / 11:30

Бил Гејтс: Пандемијата го запре напредок во борбата против сиромаштијата

Бил Гејтс: Пандемијата го запре напредок во борбата против сиромаштијата

Пандемијата на коронавирусот запре 20 години напредок во борбата против сиромаштијата и болестите, смета коосновачот на Мајкрософт Бил Гејтс.

Извештај на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, објавен денеска, покажува дека речиси според секој показател, светот заостанува во обидите да ги исполни целите на ОН за одржлив развој со цел ставање крај на сиромаштијата и намалување на нееднаквоста.

Екстремната сиромаштија се зголеми за седум проценти поради пандемијата, се вели во годишниот извештај на фондацијата.

Покриеноста со вакцини – мерка за функционирање на здравствените системи – падна на нивоа што последен пат беа видени во 90-тите години на минатиот век, „уназадувајќи го светот 25 години за 25 недели“.

Податоците исто така покажуваат дека економските последици од пандемијата ги зголемуваат нееднаквостите, особено за жените, расните и етничките малцинства. Особено се погодени луѓето што живеат во услови на екстремна сиромаштија.

Во извештајот кој Бил и Мелинда Гејтс го објавуваат заедно секоја година од 2017 година, тие повикуваат на глобална соработка во развојот на дијагностиката, вакцини, лекувања, брз развој на вакцини и дози, и фер испорака на овие средства врз основа на потреба, а не на способност за плаќање.

– Глобалната криза е заедничка и бара заеднички одговори, напишаа тие.