Свет 16. ноември 2018. / 17:57

Берлускони повторно ќе одговара пред суд за поткуп

Берлускони повторно ќе одговара пред суд за поткуп

Силвио Берлускони поранешниот италијански премиер, против кого беа водени неколку дела, повторно ќе одговара пред суд за поткуп.

Судот во јужниот град Бари го закажа првото рочиште за 4 февруари 2019 година.

Процесот е поврзан со настаните од 2008-2009 година, кога младиот и амбициозен претприемач од Бари, Џанпаоло Тарантини организирал забави со придружнички во домовите на Берлускони во Рим и на Сардинија.

Обвинет за учество во проституција, Тарантини беше осуден на осум години затвор во прв степен, но поднесе жалба, а жалбената постапка се уште не е завршена.

Во меѓувреме, 82-годишниот Берлускони е обвинет за плаќање на бизнисменот „стотици илјади евра, обезбедувајќи му правна помош и работа“, со цел да не објави пикантерии и други детали од тие забави.

Поранешниот премиер веќе има судски истраги за поткуп на сведоци во Милано, Сиена, Рим и Торино. Тој е обвинет дека плаќал милиони евра за да ги замолчи учесниците во неговите забави.

Како и во останатите дела, тој не го негираше плаќањето на Тарантини, туку само појасни дека „помогнал на еден човек и на семејство со деца кои имале и се уште имат сериозни финансиски проблеми“.

– Убедени сме дека по почнувањето на процесот Берлускони брзо ќе биде ослободен, изјави неговиот долгогодишен адвокат Николо Гедини за италијанскиот весник „Република“.