Поранешниот италијански премиер и лидер на партијата Форца Италија, Силвио Берлускони изјави денеска дека Кина е насочена против Западот и дека има желба за хегемонија и порача дека земјите треба да се чуваат од комунизмот кој претставува предизвик и закана.
– Потсетувам дека комунизмот не застанува на границите, отсекогаш бил глобална сила. Чувајте се од комунистичките земји и комунизмот кој е предизвик и закана, изјави Берлускони на конгресот на Европската народна партија во Загреб, пренесува Хина.
Според неговите зборови, оние кои ја познаваат кинеската политика, велат дека таа е „неверојатна закана за идните генерации“.
Берлускони истакна дека комунистите сметаа дека државата е над поединецот и дека треба да и служат.
– Ние сме поинакви, ние имаме право на слобода од кое произлегуваат сите останати наши права, ние не сме поданици како левичарите, ние не мислиме дека го должиме животот на државата. Постои непремостлив јаз помеѓу нас и нив, рече Берлускони.
Истовремено, тој повика на зајакнување на одбранбената политика на ЕУ пред се поголемиот прилив на мигранти.
– Потребна ни е Европа со единствена одбранбена политика. Тоа е најголемиот предизвик пред ЕУ, мораме да бидеме воена сила“ изјави тој и додаде дека на Европа и се потребни воени капацитети како би можела да се одбрани во случајот на феноменот на масовни миграции.
– Ова не само претпоставка и затоа мораме да бидеме моќна воена сила со што би го одвратиле напливот на мигранти од афиканските земји, изјави Берлускони.
Говорејќи за моменталниот државен врв во Италија рече дека се „неспособни, неквалификувани и без искуство“ и најави враќање на коалицијата од десниот центар на власт.
– На следните избори ќе победи коалицијата од десниот центар, порача Берлускони.