Свет 30. август 2020. / 12:56

Белорусија им ги одзеде акредитациите на 15 новинари кои работат за странски медиуми

Белорусија им ги одзеде акредитациите на 15 новинари кои работат за странски медиуми

На петнаесет белоруски новинари им беше одземена акредитацијата да работат за Би-Би-Си и други странски медиуми, соопшти белоруското Здружение на новинари (БАЈ).

Овој потег доаѓа скоро три недели откако Александар Лукашенко беше реизбран на претседателските избори, што доведе до масовни протести од оние што ги оспоруваат резултатите.

Би-Би-Си во изјава за Си-Ен-Ен потврди дека на двајца новинари кои работат за нив во Минск им се одземени лиценците за печат со непосреден ефект.

Шарлот Морган, шеф за комуникации на Би-Би-Си, за Си-Ен-Ен изјави: „Ние го осудуваме најсилно можно ова задушување на независното новинарство“.

Ги повикуваме белоруските власти да ја отповикаат оваа одлука и да им дозволат на нашите новинари да продолжат да ја вршат својата работа, додаде Морган.

Во соопштението се вели и дека британскиот радиодифузер смета дека е „од витално значење“ Белорусите да можат да пристапат до „непристрасни, независни информации“ за тоа што се случува во нивната земја.

Белоруските власти приведоа скоро 50 новинари претходно оваа недела, според БАЈ.

Одговарајќи на апсењата, британскиот министер за надворешни работи, Доминик Рааб, на Твитер изјави:

Го осудувам масовниот притвор на над 50 новинари синоќа во Белорусија, вклучително и од Би-би-си, локални и меѓународни медиуми.

Од новинарите што беа приведени, сите освен четворица, кои одбија да ги предадат своите телефони, подоцна беа ослободени.

Во петокот, Јосип Борел, Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, потврди дека блокот „не го признава резултатот од изборите“ и го критикуваше начинот на кој владата презема мерки за спречување на демократијата.

Уште еднаш изразуваме целосна поддршка на суверенитетот и независноста на Белорусија и ја осудуваме насилната репресија на белорускиот народ, рече Борел.

Тој исто така потврди дека ЕУ ќе санкционира неколку официјални лица во Белорусија за нивната наводна улога во „лажните“ претседателски избори и во последователната кампања против демонстрантите.