
Последниoве неколку седмици сме сведоци на случајот со Сергеј Скрипал, којшто предизвика лавина коментари и гласини, како и одредени постапки на протерување руски дипломати од страна на Велика Британија, а потоа и „солидаризирањето“ на одреден број други држави со оваа постапка на Велика Британија и протерувањето на дипломати од руските амбасади од сопствените држави. Колку за потсетување, Сергеј Скрипал, кој заедно со неговата ќерка беше пронајден во тешка здравствена состојба во Салисбури и се претпоставува дека и двајцата биле отруени со одреден нервен отров (новичок), е поранешен полковник на Руското воено разузнавање (ГРУ), кој во 90те години од минатиот век бил врбуван од страна на британската служба МИ6 и од тогаш работел како двоен агент, а дури во 2006 година е уапсен и осуден во Русија за шпионажа против државата. И нормално, како во секој добар шпионски роман, но во овој случај тоа е вистината, Скрипал е разменет во групна размена на шпиони на Русија со Велика Британија во 2010 година, и потоа останува да живее во Британија.
Она што треба да се напомене е дека ова не е единствен случај, и дека не само руските служби, туку и службите на други држави многу ретко им простуваат на лицата кои биле дел од безбедносно-разузнавачките структури на сопствената држава, но ги злоупотребиле пристапот и довербата кои им биле дадени и во текот на кариерата своите услуги ги нуделе/давале и на противнички или служби на други држави. Исто така, треба да се напомене и дека не е прв случај во кој главни антагонисти се Русија и Велика Британија, па затоа накратко ќе се осврнеме на уште два случаи кои може да се сметаат за атентати на туѓо тло.
Случајот од 2006 година, и смртта на Александар Литвиненко во Лондон, тогаш предизвика големо заладување на односите на релација Лондон-Москва. Имено, во ноември 2006 година, поранешниот офицер на руската безбедносна служба ФСБ Александар Литвиненко, беше отруен со високо радиоактивен полониум-210, во центарот на Лондон. Литвиненко, кој во моментот на смртта имаше 43 години и веќе добиено британско државјанство, неколку години претходно успева да пребега во Лондон и станува остар критичар на Владимир Путин, а подоцна се дознава дека неговото име е пронајдено и на платниот список на МИ6. Останува нејасно само дали соработката со МИ6 датира од периодот додека е во Русија или започнува по неговото пребегување во Велика Британија.
Доколку се вратиме малку повеќе низ историјата, во времето на Студената Војна, ќе се потсетиме на уште еден инцидент во Лондон. На 11 септември 1978 година, бугарскиот дисидент Ѓорѓи Марков, кој во Бугарија бил познат сценарист и сатиричар, а потоа пребегува во Велика Британија кадешто се вработува во ББС и почнува да го критикува комунистичкиот режим во Бугарија и силните врски на режимот со СССР, тргнува да си оди дома по завршувањето на работното време. Додека го чека возот во кој треба да се качи, почувствувал болка во ногата, и кога се свртел да види што се случува, забележал еден човек како се наведнува да го крене чадорот кој го испуштил и кој му се извинува затоа што го удрил со чадорот. Во следните неколку дена, неговата здравствена состојба се влошува и на четвртиот ден умира. За време на неговата аутопсија, докторот пронаоѓа мала чудна капсула во неговата нога и ја дава на тестирање. Со тестирање се заклучува дека капсулата содржела 0.2 милиграми од отровот рицин. Потоа се заклучува дека капсулата е исто така направена од разградлив материјал, но поради некоја причина не се разградила и благодарение токму на ова откритите овој случај се смета за атентат, а не за природна смрт. Претпоставката е дека капсулата со отровот бил инјектирана во ногата на Марков од човекот со чадорот, кој заедно со него чекал воз. И покрај блиската соработка на британските и бугарските служби, како и вклученоста на Интерпол во истрагата, до денес не е откриен убиецот на Ѓорѓи Марков. Одредени аспекти од истрагата укажуваат на вмешаност на КГБ и на блиска соработка на КГБ со бугарските тајни служби, но случајот се уште е нерешен и се води за отворен случај од страна на Скотланд Јард.