Во интервенции на иранските безбедносни сили на протестите во земјата, поттикнати по зголемувањето на цената на горивата, загинале најмалку 208 лица, се вели во новите податоци на Амнести Интернешнл.
Во изјавата се нагласува дека „алармантната“ статистика се заснова на „веродостојните извештаи“ што ги добила организацијата, додавајќи дека целокупниот биланс веројатно е уште полош.
„Амнести“ тврди дека десетици жртви се пријавени во градот Шахрирар во провинцијата Техеран, но не може да понуди локации за другите делови на државата каде што беа пријавени смртни случаи.
– Масовната употреба на смртоносна сила беше инструмент за задушување на протестите. Ескалацијата на употребата на сила е евидентна од информацијата дека демонстрантите биле застрелани одблизу. Врз нив било пукано и од хеликоптери и од покриви на згради – изјави за Ал Џезира, Раха Бахреини, од АИ за Иран.
Иран, кој не даде детали за жртвите, претходно ги отфрли бројките на Амнести.
Демонстрациите во Иран почнаа кон средината на ноември по одлуката на властите да ги зголемат цените на горивата, како дел од мерките за олеснување на санкциите на САД.