Американскиот генерал, Скот Милер, ја презеде командата на НАТО во Авганистан. Ова се случува во период кога Вашингтон ја преиспитува својата стратегија за обид да ги принуди Талибанците да преговараат, за да се стави крај на долготрајните конфликти.
„За да бидеме успешни, ние мора постојано да учиме и да се прилагодуваме на непријателот и на околината“, рече Милер, поранешен командант на американските специјални сили, пренесува „Ројтерс“.
На церемонијата на примопредавање, тој рече дека нема време да се одржува статус-кво и дека алијансата не може да биде задоволна од актуелната ситуација.
САД подолго од година се обидуваат да го зголемат притисокот врз Талибанците со интензивирани воздушни напади и испраќање на илјадници нови војници кои ги советуваат и обучуваат домашните сили, но сè уште нема јасни показатели за успех.