Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли поднесе оставка, пренесе Ројтерс.
Претседателот Доналд Трамп ја прифати оставката на американската амбасадорката во ОН, Ники Хејли.
Трамп за новинарите во Овалната соба изјави дека Хејли извршила одлична работа, и дека таа уште пред шест месеци му кажала дека ѝ „треба одмор“.
Тој рече дека Хејли ќе ја напушти позицијата на амбасадорка во ОН до крајот на годината.
Тој се надева дека таа ќе се врати во „поинаква улога“ – „Може да бираш“, рече Трамп при обраќањето до новинарите во Белата куќа. Трамп рече дека има голем број луѓе кои сакаат да ја преземат позицијата во ОН.
„Наследникот на Ники Хејли ќе го назначам во следните три или четири недели“, рече тој.
Хејли рече дека „многу земји не го сакаат она што САД го прават, но дека ја почитуваат нивната работа“. Таа додаде дека нема да се кандидира за претседателка во 2020 година, како и дека ќе ја поддржи новата можна кандидатура на Трамп.
Порталот Аксиос објави дека Хејли претходно со Трамп зборувала за својата оставка и дека голем број официјални претставници на американската администрација „биле во шок“ по добиената вест. Трамп денес на Твитер најави дека ќе има голема вест за својата „голема пријателка амбасадорката Ники Хејли“.
Поранешната гувернерка на Северна Каролина на позицијата амбасадорка на САД во Обединетите нации дојде неколку дена по инаугурацијата на Трамп во 2017 година.
Пред изборот на Трамп во 2016 не ја поддржала неговата кандидатура, но на крај сепак станала дел од американската администрација, која од формирањето доживеа големи промени.