Свет 29. мај 2020. / 22:45

Американците сопреа два грчки танкера што транспортирале нафта за Венецуела

Американците сопреа два грчки танкера што транспортирале нафта за Венецуела

Американската морнарица запрела два грчки танкери што пловеле под знаме на Либерија и транспортирале иранска нафта кон Венецуела.

Првиот од најавените пет танкери во Венецуела пристигна во неделата, а уште два брода „ја пробиле“ американската блокада, иако американската морнарица најави дека нема со сила да го попречува поморскиот сообраќај.

САД остро протестираше поради извозот на иранска нафта во Венецуела, бидејќи двете држави се под санкции од Вашингтон.

Еден ден пред пристигнувањето на танкерите, властите на Венецуела на крајбрежјето распоредија противвоздушни ракети, а претседателот Николас Мадуро најави воена вежба на единиците за противвоздушна одбрана.

Во меѓувреме Пентагон изминатата недела го зголеми присуството на своите поморски сили и во Карипско Море и во Персиски Залив.

Петте ирански танкери со 1,5 милиони барели нафта се испратени со цел Венецуела да ја надмине кризата со гориво предизвикана од санкциите на САД кон јужноамериканската држава.

Според аналитичарите, доставената иранска нафта ќе биде доволна за две до три недели.

Венецуела има најголеми резерви на нафта во светот, но мора да увезува гориво затоа што рафинериите во земјата годинава работат со 10 отсто од своите капацитети од 1,3 милиони барели дневно.