Свет

Активисти од Полска ,,облекоа” статуи со маици со натпис „Устав“

Активисти од Полска ,,облекоа” статуи со маици со натпис „Устав“

Полска граѓанска асоцијација Комитет за заштита на демократијата (КОД) организраше антивладин протест на тој начин што нејзини активисти на повеќе статуи ширум Полска им „облекоа“ маици со натпис „Устав“.

Меѓу скултурите што добија „ново руво“ беа и познатата статуа на богот Нептун и споменикот на хероите од Втората светска војна во Гдањск, спомениците на полски кралеви во неколку градови, Вавелскиот змеј во Краков и статуата на Мечето Ушко во Лоѓ.

КОД соопшти дека цел на акцијата е „да се привлече вниманието на јавното мислење на фактот што претседателот и покрај големиот број протести го потпиша Законот со кој Врховниот суд се претвора во макета на суд“.

Акцијата е организрана во знак на протест поради одлуката на полскиот претседател Анджеј Дуда да го потпише Законот за судски реформи, со кој меѓу останатото на извршната власт и се овозможува да го избира претседателот на Врховниот суд.

(Миа)