Руди Џулијани, личниот адвокат на Доналд Трамп, и првиот човек во кампањата на претседателот за неприфаќање на резултатите од неодамнешните избори во САД, е позитивен на коронавирус. Информацијата за тоа прв ја објави самиот Трамп.
Руди Џулијани, досега најголемиот градоначалник на Њујорк, кој работи напорно да ги разоткрие досега најкорумпираните избори во историјата на САД, има позитивен тест од вирусот од Кина, твитна Трамп синоќа, пожелувајќи му да оздрави што побрзо.
Џулијани (76), минатата недела патуваше во Мичиген, Аризона и Џорџија, каде во затворени простории одржа средби со законодавци на тие држави, дел од кампањата на убедување да се поништи победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, јави Вашингтон пост.
Неколку часа пред твитот на Трамп, неговиот адвокат се појави на утринска емисија на телевизијата Фокс Њуз, каде уште еднаш ги повтори тврдењата на претседателот дека изборите наводно биле лажирани.
Претседателот Трамп и првата дама Меланија, и уште десеттина негови блиски соработници, досега беа позитивни на коронавирусот.