Свет 12. март 2019. / 12:19

Адвокатка за човекови права осудена на 38 години затвор и 148 удари со камшик

Адвокатка за човекови права осудена на 38 години затвор и 148 удари со камшик

Истакнатата иранска адвокатка за човекови права Насрин Сотоудех, која ги бранела уапсените жени кои протестирале поради иранските закони за носење шамија, е осудена во Техеран на вкупно 38 години затвор и 148 удари со камшик, соопшти нејзиното семејство.

Адвокатката е обвинета за неколку кривични дела поврзани со националната безбедност, но таа отфрла дека ги извршила сите тие дела. Групите за човекови права остро ја критикуваат „шокантната“ казна.

Насрин Сотоудех го посвети својот живот во одбрана на правата на жените и борбата против смртна казна. Сосема е нелогично иранските власти да ја казнуваат поради нејзината работа во областа на човековите права, изјави Филип Лутер од Амнести Интернешнал.

Сопругот на 55-годишната адвокатка потврди на Фејсбук дека пресудата е донесена, откако таа телефонски кратко го побарала од затворот, соопшти иранскиот Центар за човекови права.

Адвокатот на Сотоудех изјави дека неговиот клиент е обвинет за ширење информации против државата, навредување на врховниот лидер на Иран и шпионирање.

Таа е една од седуммината адвокати за човекови права кои се уапсени во Иран минатата година.

Сотоудех е и поранешен политички затвореник, во периодот меѓу 2010 и 2013 година, бидејќи била обвинета за ширење пропаганда и заговор против државната безбедност. Таа ги отфрлила таквите обвинувања против неа. Додека била в затвор, Европскиот парламент ја наградил со признанието Сахаров за нејзиното застапување на опозициските активисти.