На 4 февруари 1945 година, значи пред точно 75 години, започна конференцијата во Јалта на Крим. На неа американскиот претседател Франклин Делано Рузвелт, британскиот премиер Винстон Черчил и советскиот лидер Јосиф Сталин ќе го демонстрираат единството меѓу Големите сили и ќе влејат надежи дека е можен траен мир по завршувањето на Втората светска војна.
Големата тројка ја разгледува клучната фаза на војната во која „илјадалетниот рајх“ е пред конечен пораз и ги утврдува контурите на новиот светски поредок, договарајќи се како да формира новата светска организација-ООН, но пред се како да се подели Германија и повоена Европа на сфери на влијание.
Во 1945 година се уше немало знаци дека антихитлеровските сојузници многу брзо ќе се претворат во непријатели.
Разговорите траат до 11 февруари. Како резултат на конференцијата, Франција станува дополнителна окупациона сила во победената Германија, Рузвелт добива ветување од Сталин дека СССР ќе пристапи во ООН и дека ќе се вклучи во војната против Јапонија, а Сталин постигнува областите во кои напредуваат советските војски да се прогласат за советска сфера на влијание. Освен тоа, шефот на Кремљ ги добива и териториите на Далечниот Исток, што биле одземени од страна на Јапонија и Кина. Утврдувањетои на границите на Полска е оставено за по завршувањето на војната.
Но, конференцијата во Јалта ќе има огромно значење за Балканските простори. Зашто, Черчил и Сталин на парче хартија ќе ги договорат и процентите со кои се одредува нивното влијание во Грција, Бугарија, Југославија… Оваа поделба ќе има огромно влијание се до паѓањето на Берлинскиот ѕид.