Свет 22. мај 2020. / 21:45

ММФ: Банките ќе бидат под притисок до 2025 година

ММФ: Банките ќе бидат под притисок до 2025 година

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави проценка дека глобалниот банкарски сектор ќе остане под притисок до 2025 година, дури и кога глобалната економија ќе почне да се опоравува од кризата предизвикана од пандемијата на корона вирусот.

Во новиот „Извештај за глобалната финансиска стабилност“, ММФ проценува дека банките во деветте најразвиени економии ќе се измачуваат за генерирање профит во наредните пет години, затоа што пандемијата ќе влијае на пролонгирање на периодот на ниски каматни стапки.

Фондот верува дека економскиот пад поради Ковид-19 ќе г стави банките на „тест за отпорност“ затоа што тие се соочуваат со загуби од кредити и пониски маржи заради ниските каматни стапки.

Основните притисоци врз профитабилноста веројатно ќе продолжат на среден и долг рок дури и кога глобалната економија ќе почне да се опоравува од сегашниот шок – се вели во извештајот.

Банката „JPMorgan Chase“ забележа пад на профитот од 69 проценти во првиот квартал во однос на претходната година.

Банкарскиот индекс „KBW“, што ги следи цените на акциите на околу 20 банки во САД падна за 39 проценти од почетокот на годината.

Сепак, ММФ во извештајот забележува дека банките се подобро подготвени за овој економски шок благодарение на заштитните слоеви на капиталот воспоставени по финансиската криза во 2008 година.

Креаторите на монетарната политика гледаат едно од решенијата за надминување на проблемот со профитабилноста во тоа банките да престанат да исплаќаат дивиденди и да ги купуваат своите акции за да заштедат капитал.