Спорт 02. ноември 2018. / 14:00

Во соседството ќе се игра Светското првенство во 2030!?

Во соседството ќе се игра Светското првенство во 2030!?

Србија, Романија, Бугарија и Грција сакаат заеднички да го организираат Мундијалот во 2030. година, според информациите на романскиот новинар Емануел Рошу, инаку добро запознаен со фудбалските случувања во својата земја. Рошу се повикува на свои политички извори во Романија, што дава дополнителна тежина.

Според угледниот грчки портал „Спорт24“, трите соседи на Македонија, заедно со Романија, навистина планираат да поднесат своја пријава за организација на Светското првенство за 12 години. Така било објавено на големиот самит кој денеска се одржува во Варна, на која учествуваат најголемите челници на Бугарија, Романија, Грција и Србија. Грчкиот премиер Алексис Ципрас потврди дека за оваа тема ќе се разговара потемелно во следните месеци.

„Ова е тема за која дефинитивно ќе разговараме во иднина“, порача Ципрас.

На неговата изјава се надоврза и премиерот на Бугарија Бојко Борисов со изјава дека ваквиот потег им е потребен на земјите во регионот.

„Потребно е заедно да поднесеме барање за организација на Мундијалот во 2030. година“, кратко порача Борисов.

Сепак, Србија, Бугарија, Романија и Грција не се единствените земји кои сакаат организација на најголемиот фудбалски репрезентативен турнир. Најавена е сигурна заедничка кандидатура на Аргентина, Уругвај и Парагвај, како и на Алжир, Мароко и Тунис. Аргентина, Уругвај и Парагвај до некаде се и фаворити за организација, бидејќи 2030. година ќе биде точно 100 години од првото Светско првенство кое беше организирано во Монтевидео. Планот е, доколку овие три јужноамерикански држави ја добијат кандидатурата, финалето повторно да се игра во уругвајскиот главен град Монтевидео.

Меѓу заинтересираните држави за организација на турнирот се и Камерум и Египет (заедничка кандидатура), Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска и Република Ирска (заедничка кандидатура), Шпанија, која чека одговор од Португалија за заедничка кандидатура, како и Јужна Кореа која чека одговори од Северна Кореа, Јапонија и Кина за истиот потфат.