Македонските ракометари денеска го имаа собирот кој означи старт на подготовките за престојниот Мундијал во Германија и Данска кој ќе се одржи во јануари.
Стартот на подготовките е без селекторот Раул Гоналзез и неговиот помошник Роберто Парондо, двајцата шпански стратези беа отсутни поради католичниот Божиќ, но тие веќе од утре ќе бидат со играчите. Од ракометарите денеска не се појавија Борко Ристовски, Филип Талески и Филип Лазаров кои ќе дојдат со задоцнување.
Ракометарите ќе се подготвуваат во Скопје, тренинзите ќе се реализираат во салата „Борис Трајковски“ до деветти јануари кога ќе одлетаа за Минхен каде ја играме групната фаза од Светското првенство.
На 4. и 5. јануари се закажани и два пријателски дуели со селекцијата на Србија, од кои вториот е од затворен карактер, тој ќе биде и последен тест пред патувањето на Мундијалот.
Во комбинација за настап на Светското првенство ќе ги нема Филип Миркуловски, Немања Прибак и Никола Маркоски што значи дека селекцијата ќе биде дополнително подмладена.
Турнирот го започнуваме против селекцијата на Јапонија на 11. јануари, а во нашата група се уште и селекциите на Шпанија, Хрватска, Исланд и Бахреин. Првите три обезбедуваат пласман во следната фаза.