Скопје 18. ноември 2019. / 12:31

Засадени 18 нови јапонски цреши, донација од вработените од ЕБОР

Засадени 18 нови јапонски цреши, донација од вработените од ЕБОР

Обновен е дрворедот на улицата „Максим Горки“ со 18 нови јапонски цреши откако, под изговор дека биле болни, во петокот градските власти ги исекоа старите дрва од овој вид.

Новите украсни дрвја се примени како донација од вработените во претставништвото на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, а градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, рече дека се набавени вкупно 50 јапонски цреши.

– Во името на Град Скопје сакам да упатам благодарност до вработените во локалната канцеларија на ЕБОР за овој хуман гест кој значи многу за Град Скопје. Интензивно работиме на зголемувањето на зелените површини во Скопје, а оваа есен посебно внимание посветивме на обновување на постојните и формирање на нови дрвореди кои му се потребни на нашиот град – истакна во своето обраќање градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Освен на оваа улица ќе бидат засадени и на уште еден скопски булвар со есенската акција.