Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици кој се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител.
Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година.
Во Скопје се пријавени 111 граѓани за учество на манифестацијата „Водици 2020“. Централната манифестација ќе се одржи напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го спушти крстот во Вардар од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“.
Претходно тој ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11:30 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде ќе се одржи традиционалната верска манифестација.