Владата изминатите денови донела одлука дрвата исечени на Водно поради изградба на трасата за магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар да му ги предаде на Црвен Крст на Македонија, пренесе Фактор.
Како досегашен сопственик на оваа дрвена маса се водеше АД за вршење на енергетски дејности Македонски енергетски ресурси Скопје, кој го спроведува проектот кој предизвика негативни реакции кај еколошките здруженија додека се спроведуваше низ скопската парк-шума. Договорот треба да го потпишат генералниот директор на АД МЕР и генералниот секретар на Црвен Крст. Според тоа, добротворната организација понатаму треба да реши како и на кому ќе ги распределува.
Станува збор за количина до 696 метри кубни произлезена при изградбата на магистралниот гасовод, иако не е познато дали истото може да послужи за огрев за ниските социјални слоеви и со каков квалитет е.
Трасата од Деве Баир поминува од Сопиште со што од низинскиот терен постепено преминува кон планински терен западно од врвот на Водно, а потоа почнува да се спушта кон реката Треска.
Љубители на Водно, здружени против изградбата на гасоводот од Сопиште до Матка (11 километри) по сртот на планината, минатата година реагираа дека станува збор за илјадници кубици исечени дрва, а беше оспорувана и студијата направена за заштита на животната средина. Претставници на државата пак тврдеа дека се работи за најоптимално решение и дека, со самото доведување на природниот гас во Скопје, главниот град ќе добие многу за животната средина.
Гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар треба да го фати рокот на завршување до крајот на годината, а досега е изграден за повеќе од 50 отсто. Делот што минува на сртот на Водно е веќе завршен.
Делот од гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар е во должина од 78 километри плус поврзувањето кон Тетово во износ од 10 километри. На гасоводот работи кумановската компанија „Рапид Билд“, а вредноста на градежните работи е околу 29 милиони евра.