Нула инвестиции во културата и за родовата еднаквост и катастрофална рализација на капитални инвестиции покажува извештајот за реализација на буџетот за третиот квартал од 2019 година во Општина Аеродром.
Лошиот извештај само потврдува дека градоначалникот Златко Марин едноставно „не го бива“, обвинија од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Според координаторот на групата Пане Антовски, бројките во извештајот се катастрофални, за капитални инвестиции се реализирани само 12,5%, а околу 7% се движат инвестициите во образованието како и за комунални дејности во кои спаѓа изградба на нови патишта, тротоари, паркинзи и осветлување.
Од советничката група го прашаа градоначалникот Марин кога планира да си ја извршува должноста за која граѓаните го избрале.
– До каде е реконструкцијата на ОУ Димитар Македонски во населбата Лисиче? Кога ќе се започне со изградба на новото средно училиште? До каде е планот за изградба на мултинаменски културен центар? Кога ќе се започне со изградбата на паркинг за сите жители? До каде е планот за гасификација и дали ќе се преземе нешто за подобрување на квалитетот на воздухот во Аеродром? Дали после 10 месеци јавноста ќе дознае кој го користи фудбалското игралиште во Реонски центар без никаков склучен договор со општината?, прашуваат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата информираа дека на денешната седница на советот доставиле предлог дополнителна точка со иницијатива за изменување на ДУП за четврт И11, односно да се предвиди нова градежна парцела за нова детска градинка, со што би се овозможило задржување на постоечкото спортско игралиште во ОУ Блаже Конески, но предлогот бил отфрлен од владеачкото мнозинство.