Скопје 01. јануари 2020. / 13:15

Симбол на двојна среќа, љубов и радост: Ова се Анастасија и Габриел првите родени бебиња

Симбол на двојна среќа, љубов и радост: Ова се Анастасија и Габриел првите родени бебиња

Нов почеток и нов живот. Анастасија и Габриел се првите родени бебиња – близначиња на Клиниката за гинекологија и акушерство.

– На родителите им посакуваме добро здравје, успешна и среќна година. Мајката Снежана ја има целосната потребна здравствена заштита и нега. Упатуваме честитки за професионалноста до целиот медицински персонал во сите јавно-здравствени установи. Нека ни е среќна новата 2020 година, информираат од ГАК.

Близначињата Анастасија и Габриел се прва рожба на родителите добиени по долги години чекање.

– Тие се предвреме родени една недела. Предвреме родените деца се најголемите борци. Тие се добри и во стабилна состојба, изјави директорката на Клиниката за гинекологија Викторија Јовановска.

Од Град Скопје двете близначиња добија штедни книшки и играчки, а Министерството за труд и социјална политика им подари пригодни подароци, а на мајката и подари златник.

– Имаме специфична ситуација, да имаме близнаци. Им посакувам многу здравје, среќа и среќно детство, а на семејството му честитам за најубавиот новогодишен подарок. Овој двоен живот за секој од нас значи двојно повеќе среќа, љубов и радост во годината што ни претстои. Убеден сум дека и градот и државата со сигурни чекори ги носат граѓаните кон подобра иднина, изјави градоначалникот Шилегов.

За министерката Царовска, близначињата значат среќна и бериќетна година, а самото тоа што првото од близначињата е девојче значи женска енергија.

– Убаво што овој ден секоја година го почнуваме со новост, а тоа се нови бебиња затоа што тие се иднината на нашата држава. Посебно сум среќна што годинава имаме близнаци и што сите заендо може да ја споделиме среќата со родителите. Првото од близначињата е девојче и очекувам 2020 година да биде супешна, позитивна и со женска енергија, изјави Царовска.