Скопје 29. јануари 2020. / 13:34

Шилегов: За жал, не успеваме да го намалиме користењето на автомобили во сообраќајот

Шилегов: За жал, не успеваме да го намалиме користењето на автомобили во сообраќајот

За жал, не успеваме да го дестимулираме автомобилскиот сообраќај во борбата против аерозагадувањето, но тоа не е вина на Владата и град Скопје, туку едноставно треба да се променат навиките, истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов, откако претпладне се укинаа вонредните мерки и интервентните препораки за загадувањето на амбиенталниот воздух, меѓу кои се бесплатниот јавен превоз и поскапиот паркинг, што беа воведени пред два дена.

– По основ на известувањето што утрово го добивме од Министерството за животна средина и Владата, престанаа да постојат условите за воведување на тие интервентни мерки. Треба да се има предвид дека еден ден на бесплатен превоз, градот го чини 7.300.000 денари. Кога не се исполнети условите, едноставно немаме потреба од вакви интервентни мерки, рече Шилегов.

Додаде дека Министерството за животна средина одлучува кога се исполнети условите за спроведување на мерки против аерозагадувањето, а не градските власти.

Бесплатниот превоз како мерка заштита од загадувањето беше воведен завчера во 18 часот, а е укинат денеска на пладне.