Скопје 14. декември 2018. / 15:07

Шилегов откри кој ќе ги забавува скопјани за најлудата вечер

Шилегов откри кој ќе ги забавува скопјани за најлудата вечер

Град Скопје како организатор на пречекот на Новата 2019 година на плоштадот „Македонија“, на радост на сите сограѓани подготви богата и разновидна програма за Новогодишните празници. Главна атракција на новогодишната ноќ ќе биде мега популарниот бенд „Парни ваљак“.

Детали за новогодишната прослава во центарот на Скопје на денешната прес-конференција соопшти градоначалникот Петре Шилегов.

– Една од најголемите југословенски поп-рок групи, хрватскиот рок бенд „Парни ваљак“, предводен од легендарниот Аки Рахимовски за Нова година во Скопје ќе ги испее вонвременските хитови со кои израснаа многу генерации во Македонија и во регионот. Мојот драг пријател Аки со задоволство ја прифати оваа понуда. Имајќи предвид дека тој долго време живеше во Скопје и дека овој град има посебно место во неговото срце, со сигурност можам да кажам дека новогодишна вечер во нашиот главен град ќе биде посебна за него и незаборавна за сите нас. – најави Шилегов.

Како дел од новогодишното расположение, центарот на Скопје, од утре, сабота, ќе почне да живее во празничната еуфорија со целосна програма во „Винтерленд“, со цел на граѓаните да им се овозможат пријатни моменти поминати со своите роднини и пријатели. Предвидена е програма и за најмладите која ќе ја разбуди нивната радост.

На плоштадот „Македонија“ веќе се поставени дрвени куќички како дел од новогодишната населба каде што се нудат рачно изработени сувенири, украси, книги, божикни подароци, како и гастрономски специјалитети и разни топли пијалаци за целосна и вистинска празнична атмосфера.