Скопје 30. октомври 2018. / 16:27

Шилегов: Од Бутел мериме дали е загадено во Шутка

Шилегов: Од Бутел мериме дали е загадено во Шутка

Во градот Скопје денес имаше седница за советнички прашања на кои одговараше градоначалникот Петре Шилегов.

Запрашан за проблемот со атмосферската канализација во општина Шуто Оризари, каде по секој дожд се собира огромно количество на вода, Шилегов одговара дека е свесен за проблемот, но причина за тоа била ниската канализација.

-Овој дел од Шуто Оризари, за жал, ниту е опфатен со тој проект ниту може да биде саниран на тој начин бидејќи е сериозно денивелиран во смисол на височината каде што постои канализацијата. Што и да ставите како такво, ќе се враќа, бидејќи е многу ниска канализацијата. Многу е низок тој дел каде што живеат луѓето, истакна Шилегов.

Понатаму, Шилегов беше прашан зошто во Шуто Оризари нема мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот. Тој одговори дека станицата од Бутел, мери и до Шутка.

-Мерните станици имаат радиус на дофат од 5 километри. Тоа значи дека станица поставена во општина Центар, може да мери податоци на ивица на граница во Ѓорче Петров. Во Бутел беше поставена мобилна мерна станица и таа може да ги прими податоците. Суштински, вие треба да знаете дека тоа не е во надлежност на градот Скопје, туку на Министерството за животна средина. Не дека јас не сакам, туку ние не можеме да направиме нешто што е во делокруг на други институции. Покриеност имаме и во општина Шуто Оризари, рече Шилегов.

Советниците побараа од Шилегов да одговори зошто во училиштата и градинките нема ставено прочистувачи за воздух, за што тој се прогласи за ненадлежен.

Градоначалникот потенцира дека Град Скопје има ингеренции само за средните училишта, а не за градинките и основните.

-Ако беа наша надлежност, би можеле да ги покриеме и нив. Ние ќе ја покриеме секоја училница во било кое училиште во градот Скопје. нема потреба да бидете загрижени, пренесете им на сограѓаните, да не бидат загрижени.Градоначалникот ветува дека во секоја училница во градот Скопје, годинава ќе има прочистувач на воздух, истакна Шилегов.

Советникот Ерџан Селими побара детално да одговори градоначалникот за решавање на проблемите.

-Јас веќе зборував, детално елаборирав што се случуваше со атмосферската канализација на „Индира Ганди“. Дел од вината е на градот, не од оваа администрација, дал погрешна техничка спецификација. Тоа е констатирано, извршена е санација на канализационата мрежа. Готов е проектот за цела улица „Индира Ганди“ и таа треба да се реализира кога ќе започне градежната сезона. Тој дел е проблем затоа што е дупка. Имаме 20-30 семејства кои живеат таму, тоа е дупка. Водата поради гравитација оди натаму. Сериозно ја саниравме атмосферската канализација и сега е веќе функционална, за разлика од порано. Свесно ви ги дадов податоците технички за мерните станици. Мерната станица во Бутел е поставена, воздушно гледано на помалку од еден километар од Шуто Оризари. Кога ги читате податоците во Бутел, ги читате податоците кои содржат дата база и за податоците од општина Шуто Оризари. Има методологија како тоа се поставува. Има надлежен орган кој нас не убедува дека тоа е во ред и од таму влегуваат влезни податоци, рече Шилегов.