Депонијата „Дрисла“ е вратена во системот на Град Скопје, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов. Тој информираше дека за ова денеска донел официјално решение и Централен регистар.
-Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата „Дрисла“ ќе одговара Град Скопје и јас лично како Ваш градоначалник, рече Шилегов, кој додаде дека се создадени услови во текот на утрешниот ден да биде разрешен сегашниот и да биде именуван нов в.д. директор, рече Шилегов.
По седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари, пак, ќе бидат избрани управен и надзорен одбор на претпријатието за управување со комунален отпад. Шилегов додаде дека по завршувањето на оваа постапка ќе ги повика сите надлежни институции и заинтересирани граѓански здруженија и асоцијации, сите заинтересирани граѓани поединци да помогнат заеднички да се направи анализа на досегашното работење на депонијата и заеднички да ја утврдат фактичката состојба во овој сега веќе градски капацитет.
-Ќе повторам, Град Скопје и јас лично како градоначалник сме гарантот за исправноста на целосното идно работење на „Дрисла“. Жал ми е што заради некомпетентност и базично незнаење демонстрирано од претходната владејачка гарнитура неповратно изгубивме цели 9 години. Во периодот што следува, прва грижа на Градот ќе биде „Дрисла“ да стане прва санитарна депонија, која ќе применува современи технологии за управување со отпадот и целокупниот нејзин економски потенцијал ќе биде ставен исклучиво во служба на граѓаните, нагласи тој.