Скопје 04. ноември 2020. / 15:54

Пожарникарите ставени на тест: Добиле нов правилник за плата, но без износ за висината на бодот

Пожарникарите ставени на тест: Добиле нов правилник за плата, но без износ за висината на бодот

На денешната средба со градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, пожарникарите останале повторно со празни раце.

Како што информира претседателот на независниот синдикат на пожарникарите на Македонија, Тони Бошковски иако очекувале да се изнајде конкретно прифатливо решение за платите како што беше ветено по нивниот онлајн состанок со премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и советникот за труд и социјална политика Милан Живковиќ, ним на маса им бил ставен Правилник за исплата на плата со кој треба да се уреди вистината на платата, меѓутоа со празни места за висината на бодот.

-Ние очекувавме конкретно решение, а ни е оставено ние сами да го разгледаме Правилникот и да пополниме колку треба да изнесува бодот и според тоа и висината на платата, иако има судска пресуда и е извршено супер вештачење според кои се знае колку треба да изнесува платата. Сметам дека со тоа Градот сака да види дали нашите желби се соодветни со нивните можности,  изјави Бошковски.

Тој информираше дека било договорена повторна средба на 11 ноември, годинава исто така во Градот.

-Претседателството на независниот синдикат на пожарникари на Македонија ќе треба сега да се состане и да се изјасни. Во секој случај ќе дадеме уште една шанса да се изјаснат надлежните по нашиот предлог што ќе го наведеме во Правилникот, заклучи Бошковски.

На денешниот останок, присуствувале и претставници од Владата, од ССМ и од Иницијативниот одбор на пожарникарите.

Пожарникарите својот револт поради тоа што не им се нивелирани платите го изразија со мирни протести пред бараките на Град Скопје, а имаа неколку средби со градоначалникот, како и со претставници на Владата, но сепак сè уште нема никакво решение за проблемот со платите.