Корисниците на услугите на топлана Скопје Север од денеска ќе останат без парно греење. Причината е поради тоа што компанијата Макпетрол Пром Гас ќе го прекине снабдувањето со природен гас и топланата нема да може да произведува и испорачува топлинска енергија.
ТОПЛАНА СКОПЈЕ СЕВЕР:
Скопје Север АД Скопје во целост ги има платено досега испорачаните количини на природен гас. Односно кон Макпетрол Пром Гас нема никаков долг. Исклучувањето е од причина што согласно договорот за испорака на природен гас, испорачателот Макпетрол Пром Гас инсистира на гаранција за плаќањето на испорачаните количини.“
Граѓаните револтирани, велат дека се колатерална штета и ќе смрзнуваат во домовите поради недоразбирање помеѓу двете компании.
„Ноќе е ладно, со деца, со стари луѓе, со болни луѓе. Има и некои што се исклучени па дури и плаќаат по 300 – 400 денари.“
„Имам и клима и шпорет на дрва, па приквечер едно пет – шест часа ќе греам и тоа е, што да правам.“
„Ладно е, ладно, јас сум сама. Не платиле на Топлификација или таму кај што треба и сега ладно ни е, и што е сега не го платиле мазутот сигурно“, реагираат граѓаните.
Од Регулаторната комисија за енергетика за Алсат велат дека немаат надлежност во овој случај да реагираат бидејќи станува збор за спор помеѓу две фирми кои направиле договор на слободниот пазар. Неколку пати регулаторот имал средба со Макпетрол Пром Гас и Топлана Скопје Север, но епилогот бил неуспешен.
Ова нема да биде прв викенд во оваа грејна сезона, корисниците на услугите на Топланата Скопје Север да останат со ладни домови, истата судбина им се случи и минатиот викенд.
Освен станбени единици и индивидуални куќи кои добиваат парно греење од оваа топлана, на системот се приклучени и три основни училишта и две градинки кои засега немаат план Б за тоа како ќе ги затоплуваат просториите од следниот понеделник.