Општина Карпош објави јавен оглас за одобрување субвенции на жителите на општината за купување велосипеди и електрични тротинети. Право да аплицираат на огласот имаат сите полнолетни граѓани на Карпош, кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет, започнувајќи од денеска. Секој граѓанин потребно е да достави фотокопија од лична карта, трансакциска сметка (фотокопија) и фискална сметка за купен велосипед или електричен тротинет не постара од 3 февруари 2020 година.
-Граѓаните кои веќе оствариле право на субвенција на огласот на Град Скопје, немаат право да аплицираат на огласот на Општина Карпош, велат од локалната самоуправа.
Во рамки на акцијата, додаваат, субвенционирањето на велосипед ќе биде најмногу до 30 отсто од вредноста, но не повеќе од 3.000 денари, а субвенционирањето на електричен тротинет најмногу до 30 отсто од вредноста, но не повеќе од 5.000 денари. Акцијата ќе се спроведе по принципот „прв дојден, прв услужен“, а исплатата на средства ќе биде по завршување на изборниот процес.
-Трета година по ред Општина Карпош ја спроведува акцијата за субвенционирање на велосипеди, а од оваа година, првпат стимулираме и купување на електрични тротинети. Примарната цел на локалната самоуправа е да го поттикне користењето на алтернативни превозни средства и да се придонесе во намалување на аерозагадувањето, прецизираат од Општина Карпош.