Откако на двата тендера за уривање на дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ во строгиот центар на Скопје не се јави ниту една фирма, Општина Чаир најавува нов тендер со поголема вредност на договорот. На првите два тендера се уривање на дивоградби во Општината беа предвидени еден милион денари.
Новиот, трет тендер ќе биде објавен во текот на оваа недела, а колку пари ќе се предвидат со кои треба да се поттикнат фирмите да конкурираат уште не е одлучено.
Согласно извршените консултации и врз основа на Законот за јавните набавки, Општина Чаир пристапува кон зголемување на проценетата вредност на јавната набавка како единствен можен механизам поради непредвидените настанати околности за поттикнување на учеството на економските оператори во постапката. Согласно одредбите од Законот за јавни набавки ќе се отвори нова постапка за јавна набавка без никакви ограничувачки критериуми, велат од Општина Чаир.
Според официјалните податоци достапни на веб страната на Катастар парцелата има сопственик и имотен лист, но неговото име сѐ уште не е познато.
Дивоградбата пред „Мавровка“ се гради на местото на кафулето „Фонтана“, кое изгоре во пожар на 1 мај годинава.