На една седмица пред да важи обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае се до 15 март следната година, СВР – Скопје започна Кампања за потсетување на возачите на законската обврска.
Под слоганот „Фати ја зимата навреме“ Одделението за превенција денеска на територитјата на општина Аеродром ќе ги советува возачите.
– Сакаме да им посветиме внимание на сите учесници во сообраќајот со што ќе укажеме на потребата да се едуцираат и ќе ја потенцираме важноста за промена на пневматикот во соодветен период од годината. Службениците на секој возач ќе му подарат промотивен материјал со едукативни пораки, информираат од СВР Скопје.
Согласно со член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, моторните возила и мобилните машини, кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март, задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.
Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала