Градот Скопје денеска ја стави во употреба велосипедската патека на улицата „Никола Парапунов“ која беше реконструирана оваа есен, како дел од градежната офанзива за 2020 година.
Оваа велосипедска патека е во должина од 580 метри и претставува важен конектор на двете главни велосипедски рути во Скопје кои се протегаат по должината на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинден“.
– Овде изградивме велосипедска патека која е четврти конектор меѓу „Илинденска“ и „Партизанска“. Три конектори се направени во последниве две години, како што го развивавме проектот „Вело Скопје“. Инвестирајќи во велосипедските патеки, годинава успеавме да надминеме 100 километри велосипедски патеки во нашиот град, рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција.
Оваа патека, додаде, е всушност добар мотив сите заедно да почнеме да работиме на измена на нашите навики, наместо автомобил да користиме велосипед, зашто тоа е побрз и поздрав начин на движење, а во услови на пандемија и попрепорачлив начин на движење.
– На локалните жители кои дел од овој простор го користеа како паркиралиште, им поделивме флаери и ги замоливме да не навлегуваат со своите возила на велосипедската патека. Сега засега е коректен односот на граѓаните, но ако видиме дека тоа не ни успева ќе почнеме најпрво со опомени, а потоа и со казнување. Подготвени сме и физички да ја одделиме оваа патека, со столпчиња, додаде Шилегов.
На отворањето на новата велопатека денеска присуствуваа и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и в.д. директорот на ЈП „Улици и патишта“, Бобан Црничиќ.
Во одговор на новинарско прашање градоначалникот Богоев рече дека граѓаните на Карпош 3 и 4 во ни една варијатна на решавање на проблемот на паркирање нема да плаќаат паркинг.
– Сметам дека можеби едно од најповолните решенија е зонски паркинг кој подразбира за возилата на резидентите да биде бесплатно, си има и евтина гостинска карта, со најавување елетронски, а од друга страна сите гости кои доаѓаат во Сити мол и не сакаат да паркираат во Сити мол треба да платат и да не им штетат на граѓаните, рече Богоев.