Скопје 27. јуни 2019. / 12:58

Нема повеќе субвенции за електрични тротинети

Нема повеќе субвенции за електрични тротинети

Градот Скопје вчера распиша два јавни повици: Јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје за купување електрични тротинети во 2019 година и Јавен повик за купување велосипеди во 2019 година.

Едниот, веќе денес, завршува.

Град Скопје ги информира граѓаните дека се исцрпени средствата предвидени за субвенции за купување електро тротинети, односно денеска до 12 часот се пристигнати околу 200 барања. Со ова, условот за завршување на јавниот повик е исполнет, а барања на граѓаните за субвенции за електро тротинети вработените во Архивата на Град Скопје нема да ги примаат. Со јавниот повик за субвенции за купување на електрични тротинети, граѓаните на подрачјето на градот Скопје имаа можност да набават електро тротинети, а Град Скопје да ги субвенционира во висина од 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7. 000 денари со вклучен персонален данок на доход, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Оваа е една од мерки кои Градот Скопје ги презема во насока на промоцијата на мобилностa и алтернативните начини на превоз.

Но, оваа мерка, траеше еден ден. Кој стигнал-стигнал. Скопјани оваа мерка ја добија одамна како ветување, а кој не успеал вчера итно да оди да аплицира, веќе нема шанса за да го направи тоа.

-Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје за купување електрични тротинети во 2019 година ги опфаќа сите граѓани (жители) на Град Скопје кои ќе купат нов електричен тротинет купен во Република Македонија, од 1 јануари 2019 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, или не подоцна од 30 ноември 2019 година. Со овој повик се предвидува Град Скопје да надомести (субвенционира) дел од средствата за набавка во износ од 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“, беше наведено во вчерашното соопштение.