Скопје 27. декември 2019. / 20:45

Наградени најдобриот пожарникар, полицаец и крводарител за 2019 во Скопје

Наградени најдобриот пожарникар, полицаец и крводарител за 2019 во Скопје

Зоран Рајчин е прогласен за најдобар пожарникар, Душко Кикеновски за најдобар полицаец за 2019 година, а Ајрис Асани доби признание за крводарител за годинава во Скопје. Традиционалните награди денеска им ги додели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

– Како град на солидарноста ги негуваме традициите на хуманост и солидарност кон сите оние на кои им е потребна помош. Затоа Град Скопје секоја година дополнително ги мотивира оние што најмногу придонеле за промоција на хуманоста со своите дела. Убеден сум дека оваа награда поттикнува лична мотивација кај секој од нас да не ја штедиме нашата хуманост и да го користиме секој момент да ја покажеме на дело во средината во која живееме и работиме, рече Шилегов.

Зоран Рајчин е пожарникар спасител во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и има 26-годишно работно искуство. Низ неговите раце поминале четири генерации на пожарникари. Изјави дека им го пренесува своето искуство на помладите колеги.

Душко Кикеновски, кој е вработен во Полициска станица од општа надлежност Центар, доби награда за најдобар полициски службеник. Тој изрази балгодарност до своите колеги и до семејството за поддршката.

Ајрис Асани од Сарај е истакнат крводарител, кој ја потврдил својата хуманост со 218 дарувања крв.

Наградените истакнаа дека е многу важно тимски да се работи, а наградата, како што велат, е резултат на повеќегодишна работа и претставува дополнителна мотивација.