Мечето Теди од Зоолошката градина во Скопје ќе оди на ресоцијализација во резерват, во кој ќе се дружи со други мечки како него. Портпаролот на ЗОО Тина Мицковска вети дека ова е последната фотографија на која тој ќе биде тажен.
– По неколкумесечната битка со ветерници, конечно ми е одобрено, „4 Paws“ и фондацијата на „Брижит Бардо“ да го земат во резерват кој се простира на 150.000 м2 и каде што има и други мечиња како него кои се на ресоцијализација и добиле шанса за подобар живот. За околу 10 дена, Теди доаѓа да го прегледа еден од најдобрите светски ветеринари за диви животни од Германија, а потоа забрзано ги подготвуваме документите и транспортот. Следна фотографија која ќе ја ставам, ќе биде од прегледот, а наредната по таа – Теди и јас насмеани во пространа зелена шума, пишува Мицковска.