Скопје

Марин: Чекам одлука од Уставен суд за ДУП-от и го поддржувам протестот на аеродромци за објектот кај Мајчин дом

Марин: Чекам одлука од Уставен суд за ДУП-от и го поддржувам протестот на аеродромци за објектот кај Мајчин дом

Откако јавноста бурно реагираше за изградбата на деветкатница кај Мајчин дом во Аеродром, градоначналникот на општината Златко Марин, одржа прес-конференција на која истакна дека тој лично е на страната на граѓаните, но дека не може да направи ништо бидејќи очекува одлука од Уставен суд за ДУП-от.

Тој рече дека неговиот став за градење на зграда со деловен и стамбен простор, останува непроменет. Тој смета дека таму зграда не треба да има и дека ги поддржува граѓаните кои во 17 часот ќе протестираат пред Мајчин дом.

Покрај десетиците претставки, Уставен суд сѐ уште не донел решение за ДУП-от кој е предмет на уставна оценка.

„Претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ го донесе ДУП И 10, без дебата. Јас лично ги поддржав жителите од Аеродром за овој дуп. Во последната година поднесовме 13 претставки до Уставниот суд, но досега нема никаков одговор од Судот. Мојот став е дека зграда на ова место не треба да има. Ги повикувам граѓаните да излезат на протест на кој и јас ќе им се придружам“, кажа Марин на прес конференцијата.

Марин смета дека со неколку негативни коментари на Фејсбук не ја изгубил довербата од жителите на Аеродром што му ја дадоа на последните локални избори.

Кажа дека станува збор за градежна парцела, и во случај да се стопира градбата сопственикот ќе бара огромна сума на пари, а со тоа може да ја блокира општината во наредните 4 години.

„Ветував решенија и верувајте ги употребивме сите можни кои можевме. Кога местото не беше градежна парцела беше полесно бидејќи сега сопственикот бара огромна сума на пари“,рече Марин.

За тоа во чија сопственост е земјиштето, градоначалникот ги упати новинарите да прашаат во Катастар.

На новинарско прашање, за колку пари било откупено земјиштето и колку бара сопственикот, Марин одговори дека земјиштето е откупено за 2 милиони и 700 илјади евра, а за да го откупи општината, сопственикот побарал 8-10 милиони евра.

Марин исто така одговори дека нема да дојде на протестот, но ги повика претставниците после протестот да дојдат во општината како би можеле да разговараат на темата.

Воедно тој најави дека ќе формира совет за урбанизам на Општина Аеродром во кој ќе учествуваат претставници од здруженија и заедници.