Во јули годинава Владата одлучи да додели средства од буџетот за 2019 година во висина од 9 милиони денари (150.000 евра) за замена на системот за греење во „Кузман“. Според владината програма за намалување на аерозагадувањето, до сега студентскиот дом требаше да биде претплатен на системот за централно греење на Градот. Но грејната сезона почна, а „Кузман“ продолжува да го загадува Скопје.
Министерот за животна средина, Јани Макрадули, признава дека процесот се одвива споро.
Се сложувам дека споро оди процесот, тоа е нешто што го ветивме. Одговорноста можам да ја споделам и за активности кои не се во мојот домен. Најважно е дека во дел од зимата тоа ќе биде решено“, изјави Макрадули.
Министерот не прецизираше каде заглавила постапката за приклучување на студентскиот дом на централното греење. Она што е познато е дека до пред еден месец се уште не беше распишан јавен повик за фирма изведувач која ќе ги изврши градежните работи.
Според податоци од Владата, за затоплување на „Кузман“ се користи мазут кој емитира повеќе од 28 килограми PM2.5 честички и исто толку PM10 честички годишно. Се очекува замената на мазутот со централно грење да го намали загадувањето што „Кузман“ го емитува за седум пати.