Во услови на остра и длабока граѓанска поделеност околу многу клучни прашања во нашава држава, во услови кога Република Македонија ги проаѓа можеби најкомплицираните и најнеизвесните денови од своето постоење, и што е најстрашно, во услови кога најголемиот дел од нашите граѓани сметаат дека државава доживува тешки понижувања на меѓународна сцена и голема економско-социјална неизвесност…токму во такви услови, и токму во таква ситуација, во Скопје денес се одржа марш за достоинството на кучињата скитници.
Скандирајќи „Правда за животните“, „Дајте го Вардариште“ и „Не за еутаназија на уличните кучиња“, денеска граѓани и активисти за заштита на животните маршираа и протестираа барајќи хуман третман за кучињата скитници.
Маршот почна од Собранието преку Влада до канцеларија на градоначалникот Петре Шилегов од кого побараа да ја заборави идејата за еутаназија на кучињата и преку хумани мерки кои тие ги имаат да се преземат мерки и да им го отстапи стационарот Вардариште.
-Проблемот со улични животни никој не сака да го реши а има хуман начин кој само за три години ќе даде резултатите. Ние предлагаме строги казни за оние кои ги оставаат кучињата на улица, регистар за домашни миленици и активистите да го раководат Вардариште каде сега условите се страшни. Еутаназијата нема го реши проблемот ако не се преземат системски мерки, кучиња пак ќе завршуваат на улица- јавно се пожали Радмила Пешева од здружението Анима мунди, здружение познато по своите радикални ставови во одбрана на животните, кои прогонуваат луѓе по социјалните мрежи дури и за кажан збор против кучињата скитници.
Активистите рекоа дека досега немале средба со градоначалникот Шилегов за да му предложат и посочат мерки за хуман третман на уличните животни.
Во држава која мака мачи со социјалното згрижување на своите немоќни граѓани, овие луѓе побараа субвенции за кастрирање на домашните миленици.
-И ние не сакаме животни да има на улици, сакаме животните да имаат дом. Бараме строг инспекциски надзор, вистински луѓе на вистински места. На Вардариште се убиваат кучињата, затоа Вардариште на активистите. Потребна е само политичка волја. Кучиња нема во европските земји, но не поради убивање туку поради почитување на законите“, рече Драгана Велковска, активист и советник на Левица во Советот на Град Скопје.
„Уаааа Шилегов, еутаназија на здрави животни не смее да има“, „Не може граѓаните да бидат напаѓани зашто надлежните не си ја вршат работата“ „Бараме субвенции за кастрирање на домашни миленици“ беа пораките упатени пред седиштето на Град Скопје.