Град Скопје вчера соопшти дека имињата на катните гаражи ,,Македонска фаланга” и ,,Тодор Александров”, со одлука на Совет на Град Скопје, се преименувани во ,,26-ти јули” и ,,Беко”.
–Двете катни гаражи беа преименувани со одука на Советот на Град Скопје како пример на вреднување на историјата и на имињата кои потекнуваат од обновата на Скопје по земјотресот – стои во Фејсбук-објавата на Град Скопје.
Катните гаражи беа преименувани за време на 21-та седница на Советот на Град Скопје на 14 ноември 2018 година. Како што тогаш објаснија од Градот Скопје, одлуката за преименување на ,,Македонска фаланга” во ,,26-ти јули” доаѓа по повод 55-годишнината од земјотресот во Скопје, а ,,Тодор Александров” во ,,Беко” за да се зачува урбаниот топоним кој потекнува од стоковната куќа ,,Беко”.
Сепак,до промена на овие топоними дојде и со обврската од Преспанскиот договор, кој во себе вклучуваше и промена на називите на објекти на државните институции, како и други објекти и топоними со имиња кои Грција ги смета за дел од својата античка историја.