Скопје 20. април 2018. / 14:19

Кафеана до кафеана – на Боемска улица нема место за пешаците

Кафеана до кафеана – на Боемска улица нема место за пешаците

Боемската улица во скопско Дебар Маало чија изградба чинеше 1.1 милион евра е претворен во кафеана. Масите и столиците на кафеаните се распослани од двете страни на улицата и меѓу има само еден метар простор за движење на пешаците, пишува СДК.

Кафеанџиите вадат маси и столици постојано како што им доаѓаат гости и ги поставуваат кај ќе стигнат, без никоков ред. Зафаќаат двојно повеќе простор од предвидениот дел за летни тераси, односно не само што имаат маси и столици на плочките до каде што треба да им бидат терасите туку се проширени и на коцката која требаше да биде простор за пешаци.

Првиот дел на Боемска, улицата Ѓорѓи Пешков, ја правеше поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски, чинеше околу 400.000 евра и беше пуштена во употреба во 2014. Тогаш Жерновски рече дека оваа улица ќе биде налик Скадарлија во Белград и покрај кафани ќе биде пешачка улица и место за прошетка на граѓаните. Вториот делизграден исто во мандатот на Жерновски беше пуштен во 2016 и чини 700.000 евра.

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ пред еден месец најави дека ќе се казнуваат и отстрануваат сите нелегално поставени тераси. Богдановоиќ вели дека веќе се донесени решенија за уривање и од наредната недела кога ќе почне бележењето конечно ќе се стави крај на узурпирањето на јавен простор од кафеанџиите.

„Секој ден инспекторите се на терен. За дел е донесено решение за отстранување на терасите, на дел се пишани казни. Од наредната недела, согласно правилникот на Град Скопје, ќе почнеме со цртање линии до каде може да се поставуваат масите и столиците“, вели Богдановиќ, во изјава за СДК.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов пред две недели најави дека ќе поставува ред со летните тераси низ градот оти кафанџиите буквално ги окупираат целите пешачки патеки и граѓаните нема кај да минуваат. Шилегов рече дека со боја ќе се бележат јавните површини до каде може кафеанџиите да поставуваат маси и столици. Според одлуката на Градот, на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици ќе мора да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.

Од кабинетот на градоначалникот Шилегов не најавуваат конкретен датум, но тврдат дека многу брзо ќе почне да се бележат летните тераси и на тој начин нема да се узурпираат пешачките патеки и да се поставуваат маси и столици без ред.