Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за да ги одржува затворените двокатни автобуси, принудено е да вади делови од панорамските автобуси. Од претпријатието велат дека мора така да се постапува поради тоа што не е обезбедено сервисирање за автобусите.
Портпаролката на ЈСП Скопје, Деспина Трајковска, вели дека поголемиот број од новите градски автобуси кои се пуштаат во сообраќај постојано се расипуваат, а пак останатите се демонтирани и од нив се земаат делови за да се поправат автобусите што треба да се пуштат на линиите. Од претпријатието велат дека ваквата ситуација е наследена од претходното раководство.
– Повеќе од јасно е дека оваа состојба е пораади нискиот квалитет на купените возила пред само 7 години. Тие биле купени прескапо, а квалитетот не ја оправдува цената. Сепак, и покрај ваквата наследена состојба со возилата, раководството на ЈСП успева да го одржи јавниот превоз во нормален тек. Истовремено, за да се подобри квалитетот на јавниот превоз, ЈСП Скопје во соработка со Град Скопје веќе има преземено конкретни мерки за опремување на возниот парк со нови возила – велат од ЈСП за „Порталб“.
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје секојдневно пушта во редовен сообраќај 272 градски автобуси. Од нив 200 се двокатни автобуси од Кина, од кои 20 отсто постојано се расипуваат. Од 16-те двокатни панорамски, само два се во функција.
Од обичните автобуси „Лаз“, од 80 во функција се 77. ЈСП има на располагање 20 од постарите автобуси, кои ги пушта на линиите кога ќе се расипат поновите.