Скопје 14. април 2020. / 14:58

И Владата тврди дека при реставрацијата ќе се зачува автентичноста на Чаршијата

И Владата тврди дека при реставрацијата ќе се зачува автентичноста на Чаршијата

Во реставрацијата и санацијата на автентичниот лик на Старата чаршија се запазени сите процедури за заштита на автентичноста според програмата на Националниот Совет за ревитализација на чаршијата како културно наследство од особено значење, соопштија денеска од Владата, по реакциите на социјалните мрежи и во дел од медиумите за градежните зафати што се одвиваат во Старата чаршија во Скопје.

„Сите активности на под-проектот предвидуваат клучни инвестиции во масовна туристичка дестинација со цел зголемување на привлечноста на Старата Чаршија и нејзино промовирање како главна туристичка дестинација во градот за потребите на туристите. Под-проектот предвидува санација на калдрмата на еден дел од главната улица Битпазарска како и конзервација, реставрација и санација на повеќе дуќани кои го нарушуваат автентичниот лик на Стара Чаршија која со закон е прогласена како културно наследство од особено значење „Службен Весник” бр. 130/08“, соопштија од владиниот прес центар.

Според соопштението, една од главните активности на проектот е и реновирање на 39 дуќани лоцирани во Стара Чаршија, согласно предлогот на Општина Чаир за замена на старите излози со нови излози што би го вратиле автентичниот изглед на чаршијата.

Во соопштението детално се објаснети и зафатите врз калдрмата во чаршијата.

„Оштетувањата се настанати од повеќе фактори. Проектот предвидува санација на калдрмата во главната улица (во должина од 200м или вкупно 2240м2). Сите градежни материјали кои се користат за реконструкцијата на излозите на дуќаните и калдрмата во споменичка целина: „Стара Скопска Чаршија“ се автентични и одобрени од стручни лица од НУ Конзерваторски Центар – Скопје и Управата за заштита на културно наследство“, соопшти Владата.

Имајќи го предвид погоренаведеното, велат од Владата, запазени се сите процедури за заштита на автентичноста на Старата Скопска Чаршија и градежната активност која се финансира преку Проектот за локална и регионална конкурентност се одвива во согласност со позитивните правни норми за зачувување на автентичноста на Старата Скопска Чаршија.

Целото соопштение на Владата може да го прочитате на следниот линк.