Дваесет и шест годишниот Кристијан Ниневски од Скопје го фати светиот крст што архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан го положи во водите на реката Вардар во Скопје.
Ниневски по втор пат го фаќа крстот, а веќе седум години учествува на традиционалната манифестација што во Скопје се организира по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици.
– Минатата година ми донесе синче, здравје, среќа на мојата фамилија и тоа им го посакувам на сите. Посакувам секоја година што поголем број да бидеме и Бог да даде сите да го почувствуваат ова чувство. Икона, библија, крст, ланче добив минатата година како подарок, изјави Миновски откако го фати крстот.
Од Град Скопје како подарок доби резба.
Во Скопје беа пријавени околу 130 граѓани за фаќањето на крстот. Оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.